Османи: Очите на 18 милиони луѓе од Западен Балкан се вперени во Софијa

од Nikola Popovski
316 прегледи

Хрватскиот министер за надворешни работи Гордан Грлиќ Радман денеска во Скопје изјави дека е многу важно прашањето за пристапните преговори на Северна Македонија да се разговара на претстојниот Совет на ЕУ и оти се надева дека ќе биде свикана Првата меѓувладина конференција.

„Важно е ова прашање да се врати на агендата на Европскиот совет. Мислам дека технички се е можно, тоа е за една недела. Најавив дека очекуваме, се надеваме дека ќе ја свикаме таа една меѓувладина конференција. Мислам дека тука е важно француското претседателство, но и влијанието на водечките земји од ЕУ“, рече Радман.

Како што истакна, Северна Македонија е најдобар показател за земја која постигнала голем напредок во однос на сите други земји од Западен Балкан.

„Од наша страна правиме големи напори да ја убедиме неопходноста и важноста за почеток на преговорите со Северна Македонија“, рече хрватскиот министер за европски прашања по средбата со министерот за надворешни работи на Северна Македонија Бујар Османи на заедничката прес-конференција.

„Отворањето на пристапните преговори не само што би било политички, туку и важен психолошки момент за граѓаните на Северна Македонија, бидејќи 17 години чекате тоа да се случи. Северна Македонија направи се што е потребно, го смени името, направи големи реформи, покажавте дека сте проевропски и со отворањето на преговорите ќе се отвори ново поглавје во европската перспектива“, рече Радман.

Тој посочи дека почетокот на пристапните преговори меѓу Северна Македонија и ЕУ не е само во интерес на оваа земја, туку и на целата ЕУ, но и на Хрватска, бидејќи мора да се има предвид поширока слика за актуелните настани.

Радман рече дека ЕУ треба да има посилно присуство на Западен Балкан и истакна дека секогаш ја нагласувал важноста од посилно присуство на ЕУ на Западен Балкан, бидејќи тоа е од суштинско значење за безбедноста, иднината, просперитетот и како знак дека е геополитички простор на Унијата.

Министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, оцени дека веќе не е прашање дали Северна Македонија ќе ги продолжи преговорите кои Бугарија ги блокираше поради билатералниот спор, туку дека прашање е дали Западен Балкан има европска перспектива.

„Очекуваме да видиме како ќе ги продолжиме разговорите со Бугарија. Времето е кратко. Очите на 18 милиони луѓе од Западен Балкан се вперени во Софија за да видат каква одлука ќе донесат. Тука веќе не е прашање дали Северна Македонија ќе ги продолжи преговорите, ова е прашање дали Западен Балкан воопшто има европска перспектива“, рече шефот на дипломатијата на Северна Македонија.

Тој напомена дека го информирал Радман за сите најнови актуелни прашања во односите со Бугарија, како и за напорите што Скопје ги прави за надминување на разликите и подигање на ветото за одржување на меѓувладина конференција и почеток на преговори со ЕУ.

Мислам дека доколку има политичка волја и има стратешки пристап може да се обезбеди она што го заслужуваат нашите граѓани, а тоа е јасна и недвосмислена европска перспектива која на крајот ќе резултира со членство во ЕУ“, рече Османи.

Почетокот на преговорите со Скопје во ноември 2020 година е блокиран со бугарското вето поради спорот за јазикот и историјата и покрај безусловната препорака на Европската комисија и оценката дека Скопје ги исполни сите услови. Во исто време, напредокот на Албанија кон ЕУ е поврзан со напредокот на Северна Македонија.

Бугарскиот премиер Кирил Петков во изминатите денови неколку пати повтори дека Софија има три барања да стави вето на Скопје – Северна Македонија да го признае Рамковниот став на бугарскиот парламент, кој бара Скопје да ги признае бугарските корени на македонскиот народ и јазик, да ги инкорпорира Бугарите во Уставот и исполнување на Договорот за добрососедство од 2017 година.

Слични содржини