Претседателот Стево Пендаровски денеска во Охрид се сретна со словенскиот претседател Борут Пахор, во рамките на „Преспа форумот за дијалог“, кој од 16 до 18 јуни се одржува во Охрид, информираат од Кабинетот на претседателот.
Пахор на својот Инстаграм профил објави дел од тоа што се разговарало на средбата со неговиот македонски колега.
-Со македонскиот претседател и пријател Стево Пендаровски разговараме за нерешениот проблем меѓу Северна Македонија и Бугарија. Во меѓувреме, малку на шега, а малку навистина велам дека доколку Словенците би биле Бугари, вие немаше да имате проблем со нас. Тој на шега одговори дека кога Македонците би биле Словенци, ќе бевме во ЕУ веќе 20 години, напишал Пахор.
На средбата беа реафирмирани одличните билатерални односи без отворени прашања, базирани на традиционално пријателство кое оваа година свечено беше одбележано по повод 30-годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи меѓу Република Северна Македонија и Република Словенија.