Османи – Ескобар: Забрзувањето на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан е од клучно значење за зачувување на стабилноста на Европа

од Берта Китинска
159 прегледи

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на маргините на Преспа форумот за дијалог во Охрид, оствари средба со заменикот помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар. На средбата присуствуваа и амбасадорот Мајкл Карпентер, постојан претставник на САД при ОБСЕ во Виена и амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мери Брнз.

Соговорниците го поздравија неодамна одржаниот Стратешки дијалог меѓу Северна Македонија и САД во Вашингтон, како нова фаза во билатералните односи и надградба на стратешкото партнерство, но и одлична можност за понатамошно продлабочување и конкретно врамување на соработката во областите од интерес.

На средбата беше разговарано за европската перспектива на Северна Македонија и регионот на Западен Балкан како заедничка стратешка цел, како и актуелните состојби во тој контекст. Притоа, беше нагласена потребата од што поскоро започнување на преговорите на Северна Македонија и Албанија за полноправно членство во ЕУ, како важен влог во стабилноста и напредокот на регионот и начин да се врати европскиот кредибилитет во Регионот.

“Процесот на проширување на Европската унија претставува безбедносно прашање, и оттука забрзувањето на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан е од клучно значење за зачувување на стабилноста во нашиот регион, но и Европа кало целина. Високо ја цениме континуираната поддршка од САД за што поскоро започнување на процесот на преговори со Европската унија, што е споделен стратешки интерес, но и гаранција за ограничување на влијанието од трети страни”, истакна Министерот Османи.

Се разговараше и за безбедносните предизвици во регионот на ОБСЕ, нивните рефлексии врз политичките констелации на Балканот. На средбата беше поздравена нашата одлучност, одговорност и активна посветеност на мултилатерализмот, како иден претседавач на ОБСЕ, но и други мултилатерални формати, во време кога светот се соочува со сериозни предизвици.

Слични содржини