Поранешната ѕвезда на Јувентус, Алесандро Дел Пјеро го коментираше актуелното прашање за кризата во италијанскиот фудбал. Репрезентацијата го освои Евро 2020, но неколку месеци подоцна дојде неуспехот да се пласира на Светското првенство. На клупски план, италијанскиот тим нема триумфирано во Лигата на шампионите од 2010 година, а за овој период само Рома стигна до трофеј на европските турнири. „Волците“ се радуваа на првото издание на Лигата на конференциите.
„Во моментов страдаат и италијанската репрезентација и клубовите. Најдобриот фудбал се игра во Премиер лигата, има најмногу екипи кои покажуваат високо ниво. Понекогаш како да зборуваме за различни спортови. Во Англија повеќе трчаш, натпреварите се поспектакуларни. Сепак, успехот на Рома е сигнал дека италијанските тимови можат успешно да настапат во Европа. Враќањето на Ромелу Лукаку и Пол Погба во Серија „А“ ќе помогне шампионатот да биде посилен“, изјави Дел Пјеро.
Од 2007 година, само три клуба од Италија стигнаа до финалето на Лигата на шампионите, а само Интер во 2010 година го зграпчи трофејот. Во Лига Европа и нејзиниот претходник, Купот на УЕФА, тим од Серија „А“ последен пат славеше во 1999 година, кога Парма го освои Купот. Во истата сезона, Лацио стана шампион на сега веќе непостоечкиот турнир КПК.