Османи: Нема да се дозволи посебно поглавје по однос на билатералните прашања

од Nikola Popovski
164 прегледи

Шефот на дипломатијата, Бујар Османи информира дека до Македонија се уште нема пристигнато драфт-верзија од францускиот предлог.

-Процедурата е таква, прво мора да се разговара меѓу земјите-членки. Ние не сме во таа фаза, но имаме начини како да имаме увид, рече Османи.

Претставниците на француската влада доаѓаа во Софија и Скопје и се разговараше, додаде тој.

-Јас нема да навлезам во коментар на таквите предлози и идеи. Не сакам да ги изложам нашите позиции за да создадам некакво алиби во Софија, во пресрет на нивната дебата по ова прашање. Ние сме во комуникација во однос на нашите позиции со сите, потенцира Османи.

Министерот не сака да шпекулира дали до четврток може да се добие датум за преговори, доколку Бугарското собрание го одобри предлогот.

-Мене ми е најважно дали има политичка волја. Засега не гледаме политичка волја во Софија, рече Османи во интервју за Телма.

-Билатералните прашања се веќе во преговарачката рамка, во предлогот на Комисијата. Генерално тие се влезени. Дали ќе дозволиме да има посебно поглавје, во кое што овие прашања ќе бидат како услов за членство во ЕУ, тоа сигурно нема да го прифатиме. Историските прашања нема да бидат критериум за придвижување на процесот напред, додаде Османи.