ССМ објави кои пратеници гласале „против“: Работници пратениците да ги прашаат како да преживеат

од Берта Китинска
193 прегледи

Сојузот на синдикати на Македонија разочаран никој од надлежните ниту ги контактирал, ниту ги свикал на состанок. Велат дека не отстапуваат од своите барања за линеарно покачување на сите плати во јавниот сектор за 2.806 денари, колку што се покачи минималецот, нов колективен договор и враќање на регресот за годишен одмор во висина од 30% до 100% од просечната плата во земјава.

-Работниците во јавниот сектор мора да знаат дека за амандманот за зголемување на нивната плата гласаа: Бојан Стојаноски, Тони Јаревски, Зоранчо Јованчев, Жаклина Пешевска, Дафина Стојаноска и Рашела Мизрахи.

Против работниците, против зголемување на нивната плата, против амандманот на ССМ гласаа: Лолита Ристова, Марија Кочовска, Панчо Минов, Марија Георгиевска, Драгица Ѓавочанова, Жаклина Лазаревска и Бајрам Кадрија. Истовремено еден од пратениците Исмаил Јахоски не гласаше никако, соопштија од ССМ.

Според нив, „гласот против работниците е уште еден глас против политичката партија која ја претставуваш и уште еден глас за генерален штрајк, кој поради овие 7 пратеници од владеачкото мнозинство започнува на 22.06.2022 година“.

-Ги повикуваме сите работници кога ќе ги сретнат во партија овие 7 пратеници да ги прашаат како да преживеат и зошто се против нивната егзистенција и егзистенцијата на нивните деца и семејства, стои во соопштението од ССМ.

Синдикатот бара зголемуваење на платите во јавниот сектор од 2806 денари во нето износ согласно зголемувањето на минималната плата.

Од СДСМ обвинуваат дека ВМРО-ДПМНЕ манипулира и дека целта не е да помогне на ССМ туку да го суспендира договорот на Владата со СОНК за покачување од 15 % на платите во образованието и континурано покачување согласно методологијата.

„ВМРО ДПМНЕ на овој начин бара помало зголемување на платите во образование и детска заштита од 11,5%. Преку социјален дијалог со ССМ, како репрезентативен синдикат, може да се дојде до системско решение за што преговорите траат. Владата нуди системско решение преку воспоставување на нова методологија која значи постојан раст на платите во јавен сектор. До крај на годината ќе се донесе нов закон за платите во јавниот сектор, кој ќе ги воедначи разликите и ќе воспостави систем на плати во јавниот сектор“, пишува во одговорот од владејачката СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ во договор со ССМ предложи покачување од 2.806 денари за сите во јавниот сектор

ВМРО-ДПМНЕ во претходен договор со Сојузот на синдикати, поднела амандман на ребалансот на државниот буџет, во кој било поставено барањето на ССМ за покачување на платите од 2.806 денари за сите вработени во јавниот сектор. Мнозинството во Собранието го одбило предлогот, заедно со уште неколку други амандмани на опозициската партија.

„На првиот ден од амандманската расправа мнозинството одби три клучни амандмани. Првиот беше за намалувањето на ДДВ-то на храната од 5% на 0%, вториот беше за издвојување на средства за акцизите и ДДВ-то за намалувањето на цената на горивото и третиот е суштинскиот амандман кои што беше одбиен. Беше одбиен амандманот на Сојузот на синдикати на Македонија за линеарно зголемување на платите во јавниот сектор од 2806 денари“, соопшти Бојан Стојаноски, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.

Слични содржини