Мицкоски има 100% доверба во пратениците: Нема да имаме нов Крсто или Нола

од Nikola Popovski
216 прегледи

Овој пратенички состав што го има ВМРО-ДПМНЕ, 100% ви гарантирам дека нема да гласа за уставни измени за прифаќање на бугарските барања, изјави синоќа лидерот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски, запрашан дали може да се случи слична ситуација како во 2018 година, кога осум пратеници, дел од тогашната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, гласаа „за“ отворање на Уставот и промена на името.

Тој додаде дека „ако 1% се излажам, тогаш нормално треба да сносам одгорност, дека не сум успеал да изградам став во рамките на пратеничката група“.

-Но еве ве гледам во очи и ви кажувам – имам 100% доверба дека во секој еден од нив дека нема да се случи нов Крсто, Нола или останатите, рече Мицкоски во емисијата „24 анализа“.

Покрај Нола Исмајлоска-Старова и Крсто Мукоски, „за“ тогашното отворање на Уставот беа и пратениците Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Владанка Авировиќ, Емилија Александрова, Елизабета Канческа-Милевска и Зеќир Рамчиловиќ. Тие потоа беа исклучени од ВМРО-ДПМНЕ, по што делуваа како независна пратеничка група.