Бектеши – Ќехаја: Република Косово е важен трговски партнер за Северна Македонија

од Берта Китинска
160 прегледи

Министерот за економија, Крешник Бектеши денес оствари средба со новиот амбасадор на Република Косово во Северна Македонија , Флориан Ќехаја.

Министерот Бектеши му честиташе на амбасадорот Ќехаја за новата должност и му посака успех во текот на неговиот мандат.

Зголемување на билатералната трговија, реализација на заеднички инфраструктурни проекти, соработка во проекти за развој на туризмот и мерки за зголемување на економската соработка кои ќе придонесат за создавање на услови за раст на двете економии беа главните теми на кои разговараа двајцата соговорници.

На состанокот беа разменети мислења и за мерките што ги преземаа двете соседни земји за соочување со енергетската криза која го зафати регионот и светот како и следните чекори во оваа насока, со цел постигнување на поголема енергертска независност.

Министерот Бектеши истакна дека Република Косово е важен трговски партнер за Северна Македонија, и е на 10 место на листата на земји со кои Република Северна Македонија остварува најголем обем на трговска размена.

Според податоците од Државниот завод за статистика минатата година остварен значителен раст во вкупната трговија помеѓу Северна Македонија и Косово од 43%, при што извозот е зголемен за 29,6%, а увозот за 137,2.

Во првите четири месеци од 2022 година остварена е вкупна размена во износ од 162,3 милиони евра од кои 118,7 милиони евра се однесува на извоз во Република Косово, додека 43,5 милиони евра се однесува на увозот од Република Косово. Споредено со истиот период од 2021 година вкупната размена е зголемена за 49,7%, извозот за 40,4% и увозот за 82,7%.

Бектеши и амбасадорот Ќехаја се согласија дека соработката меѓу двете земји ќе се продлабочува уште повеќе во иднина.

Слични содржини