Уставниот суд на Република Северна Македонија денеска ја одржа 19. седница на која одлучи да ја одложи расправата за иницијативата на подносителот Павле Трајанов во врска со платеното политичко рекламирање во медиумите.
По претставувањето на извештајот во врска со иницијативата од страна на судијата Насер Ајдари, како и излагањата во врска со истиот на судиите Дарко Костадиновски и Осман Кадриу, судот одлучи да го повлече предметот од денешната седница заклучувајќи дека станува збор за сложена иницијатива која изискува полн состав за одлучување.
– Имајќи предвид дека е очигледно дека нема да се добие потребниот број на гласови, мој предлог е овој предмет да биде повлечен од денешната седница и да одлучуваме за истиот кога ќе бидеме во комплетен состав, побара претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.
Според подносителот на иницијативата, одредбите содржани во членовите 75-ѓ и 76-д од Избирачкиот законик во кои се регулирани ценовниците за платено политичко рекламирање во медиумите и начинот на исплатата на средствата, фаворизираат четири политички партии со што директно се загрозува политичкиот плурализам. Во иницијативата се наведува дека на тој начин се дискриминираат кандидатите кои имаат поинакви политички уверувања и им се оневозможува еднаков пристап до средствата за јавно информирање, како и до средствата од Буџетот кои биле одвоени за таа намена. Подносителот на иницијативата смета дека со оспорените законски одредби се загрозува основното уставно начело на еднаквоста и дека со тие одредби се внесува непропорционалност во политичкиот натпревар.
На денешната седница се усвои и дневниот ред на кој имаше уште две иницијативи, како и записникот од изминатата, 18. седница на Уставниот суд.