Сојузот на синдикати на Македонија утре дефинитивно излегува на штрајк со кој ќе го изрази незадоволството по однос на недоговореното денеска, а тоа е линеарно покачување за сите по 2 806 денари и утврдување на регрес во јавниот сектор од 30 до 100 проценти од просечната плата, најави денеска по средбата со владините претставници претседателот на ССМ Дарко Димовски.
-Тие не ни понудија ништо друго, не ни понудија ништо освен правење одредени комисии каде што ќе се усогласи методологијата, убедувајќи не дека административниот службеник и давателите на јавни услуги се непродуктивни работници, што не е така. Тие се сервис на граѓаните, ние од нив користиме услуги. Тие достоинствено си ја работат работата и сметаме дека дојде времето нашето незадоволство да го искажеме на улица, рече Димовски.
Тој додаде дека утре како ССМ ќе излезат на улица, ќе наредат 120 столчиња пред Собранието, каде од пратениците ќе бараат да го прифатат нивниот амандман на ребалансот на Буџетот за линеарно зголемување на платите за 2 806 денари, како во јавниот, така и во приватниот сектор.
-На тој начин ќе упатиме апел доколку тоа не се случи дека и тие утре можат да бидат дел од нас работниците, кои ќе стојат надвор пред Собранието бидејќи работникот е оној што гласа и во наредните избори ќе биде клучната алка за која партија ќе биде на власт, рече претседателот на ССМ.