Денеска на својата седница, целосниот состав на Светиот Синод на Бугарската православна црква (БПЦ) ги разгледал писмата на вселенскиот патријарх Вартоломеј и српскиот патријарх Порфириј во врска со канонскиот статус на Македонската православна црква- Охридска архиепископија (МПЦ), по што по гласањето одлучиле да стапат во канонско единство со МПЦ.
-Бугарската православна црква – Бугарската патријаршија со благодарност кон Бога и духовна радост ги поздравува одлуките за подигање на расколот и стапување во канонско и евхаристиско заедништво со Православната црква на Северна Македонија. Останува да се разгледува за името на Православната црква во Северна Македонија, стои во соопштението од БПЦ.
На 9 мај оваа година Светиот синод на Вселенската патријаршија на своето заседание под претседателство на патријархот Вартоломеј донесе одлука со која ја признава МПЦ-Охридската архиепископија за канонска.
Оваа одлука не значеше томос за автокефалност со кој официјално се регулира меѓународното име и статус на Македонската православна црква (МПЦ), туку претставуваше објава дека црквата повеќе не е во раскол со православниот свет.
Неколку дена по признавањето, на 19 мај, во Белград, српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан, со архиереите на двете цркви, одржаа литургија на помирување.