Почнува јавниот повик за субвенции за редовно годишно одржување оџаци

од Берта Китинска
153 прегледи

Град Скопје и годинава ќе субвенционира чистење на оџаците во домовите на граѓаните. Како што информираат Градските власти, редовниот годишен повик за субвенции за одржување на оџаците на домовите, почнува денеска (22.06.2022 година), вклучувајќи ги реализираните активности за чистење оџаци од 01.01.2022 година заклучно со 30.11.2022 година, односно до искористување на средствата предвидени за оваа намена со Буџетот на Град Скопје за 2022 година.

Субвенциите се однесуваат на жителите на град Скопје (општини Аеродром, Гази Баба, Кисела Вода, Карпош, Чаир, Шуто Оризари, Центар, Ѓорче Петров, Бутел и Сарај), а субвенциите се валидни за чистење на оџакот на истата адреса по личната карта или деловен субјект.

– Со цел да учествува на јавниот повик потребно е да се исполнат следните услови: Да е жител на подрачјето на град Скопје, адресата на реализираното чистење да се совпаѓа со адресата од важечка лична карта на барателот дадена при пополнување на електронската апликација на интернет страницата на Град Скопје, Чистењето на оџакот да е извршено од стручно лице вработено во фирма што е регистрирана со шифра на дејност 81.22 согласно со Националната класификација на дејност; Објектот каде што ќе биде чистен оџакот да не е во фаза на градба; Да поседува оригинална фискална сметка за извршено чистење на оџакот со датум од 01.01.2022 година се до исцрпувањето на средствата од буџетот наменет за Јавниот повик, но не подоцна од 30.11.2022 година; Да поседува оригинална потврда издадена од оџачар за извршено чистење на оџак со датум од 01.01.2022 година се до исцрпувањето на средствата од буџетот наменет за Јавниот повик, но не подоцна од 30.11.2022 година – информираат од Град Скопје.

Инаку, одржувањето на чисто и уредно Скопје е еден од предусловите за намалување на загадувањето и живот во поздрава животна околина.
Најголемиот проблем во областа на заштитата на животната средина, со кој се соочува Градот Скопје, е нарушениот квалитет на амбиентниот воздух во градот, особено со партикуларните честички (ПМ10 и ПМ2,5).

– Една од поголемите причини за емисија на овие честички е затоплувањето на објектите кои не се приклучени на централно греење, пред се, заради нецелосното и несоодветно согорување на огревното дрво, несоодветниот квалитет на дрвото и начинот на негово чување и употребата на стари, дотраени и технички неисправни печки, како и нередовно одржување на оџаците – објаснуваат од Град Скопје.

За надоместување на дел од трошоците за одржување и докажување дека критериумите за учество се исполнети, барателот е должен да ја поднесе електронски преку интернет страницата на Град Скопје. Максималниот износ на субвенцијата изнесува 1200 денари, а персоналниот данок на доход е на товар на Град Скопје.

Слични содржини