„Шанса за Центар“ бара отстранување на нелегалните тераси во Дебар Маало, од Центар велат се постапува по постоечкиот правилник

од Берта Китинска
250 прегледи

Иницијативата „Шанса за Центар“ бара итно отстранување на нелегалните тераси на кафеаните во Дебар Маало, оттаму посочуват дека Општина Центар треба да ја спроведе Програмата за урбана опрема и да го активира партиципативното тело за урбанизам и директно засегнатите граѓани во изработката на новата програма.

Од Општина Центар во изјава за „Локално“ велат дека во моментов, се разгледува барањето од сопствениците на локалите за измени на постоечкиот правилник, по кој моментално постапува и Општината и се донесува на нов, ревидиран правилник за поставување на урбана опрема.

-Барањето на угостителите е поддржано од 20-тина советници во Советот и истото е во процедура. Сопствениците и управителите на локалите започнаа да поднесуваат барања за поставување на урбана опрема по постоечкиот правилник до општината и доколку ја поседувааат целата потребна документација и е испочитувана постапката, општината ќе им издаде одобренија за користење на јавна површина, посочуваат од Центар.

Тројцата советници од Шанса за Центар бараат конкретни одговори за мерките што се преземаат и службите кои постапуваат по овие прашања.

Во претставката тие наведуваат дека се обраќаат поради небезбедноста и ограниченоста во движењето на најранливите граѓани кои се движат без моторни возило низ Дебар Маало.

-Диво зафатениот јавен простор со поставување маси и столици, или заградени со ленти или објекти дивоградби, до ден денес опстануваат и се толерираат од страна на општината без јасна причина и образложение, наместо да бидат срушени во најкус можен рок. Никаде во светот, освен кај нас, нема примери каде децата и количките со бебиња одат по улица за да џиповите се паркираат слободно на тротоари, а угостителите со лента си го затвораат просторот. Угостителите директно ги прекршуваат одредбите од Законот за безбедност во сообраќајот и патиштата, и тоа член 4, член 17 и член 63“, пишуваат во претставката советниците од Шанса за Центар: Јана Белчева Андреевска, Дивна Пенчиќ и Јане Димески.

Слични содржини