Претседателот на Советот на амбасадори Мухамед Халили смета дека ние го дадовме нашиот придонес за состојбите во решавањето на спорот со Бугарија.
-Го имавме работниот текст кој произлегува од Европската комисија и Совет за општи работи. Таму се виде дека има интервензии и бришење на некои работи, што е разбирливо за работен текст. Целосно тоа што е пишано е тоа. Нас никој не ни доставува такви документи, но ги бараме по сајтови, вели Халили за францускиот предлог.
Според него, се додека еден документ нема дефинитивна форма, тоа е прилика да се разговара внатре во рамките на Владата.
-Надворешната политика не е само таргет на Владата, тука е министерот, премиерот и претседателот на државата. Се додека до последно немаме изразено јасен став од тие што го предлагаат тоа, не може дефинитивна оценка да дадеме, рече Халили.
-Мислам дека има грешка во пласирање на информациите. Ова е француски предлог, но не е чисто француска материја оти во овој предлог од Париз се бара разрешување на јазолот меѓу Скопје и Софија, за да се зачекори во иднината. Францускиот предлог е комбинација на португалски предлог, пренесен преку дипломатијата на Франција и некои бугарски барања, кои се сместени во делот на заклучоците на Советот на општи работи дека и билатералните работи треба да бидат составен дел на преговарачката рамка со Унијата, додаде Халили во емисијата „Утрински брифинг“.