Познатиот англиски фудбалер Вејн Руни објави дека повеќе нема да биде тренер на Дерби Каунти.
Англискиот клуб не успеа да опстане во Чемпионшип, пред се затоа што му беа одземени прво 12, а потоа уште девет бода поради прекршување на финансиските правила.
Клубот е пред згаснување, а Руни и неговиот тим херојски ја доведоа сезоната до крај и малку им недостасуваше да стигнат до целта.
-Бев во клупската администрација каде што ги информирав сите дека е време да го напуштам клубот. Се обидоа со се за да ја сменат мојата одлука, но јас веќе решив. Моето време во клубот беше вистински „ролеркостер“ на емоции, но морам да кажам дека уживав во предизвикот. Лично, мислам дека клубот треба да го води некој со повеќе енергија, некој посвеж и некој кој не бил засегнат од она што се случи во последните 18 месеци“, напиша Вејн Руни во изјава за клубот и додал:
„Со голема гордост ќе се сеќавам на времето во Дерби и би сакал да им се заблагодарам на стручниот штаб, играчите и навивачите кои ни пружија голема поддршка. Се надевам дека ќе се видиме во иднина во некои посреќни времиња“.