Шведска и Финска допрва треба да преземат „конкретни и искрени“ чекори за да ја смират загриженоста на Турција пред нивниот предложен влез во НАТО, му рекол турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган на генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг во телефонски разговор.
Изјавите на Ердоган уследија на помалку од седум дена пред самитот на лидерите на НАТО во Мадрид, пренесe агенцијата ДПА.
Турција во моментов е единствената членка на НАТО која јавно го блокира почетокот на процесот за прием на Шведска и Финска во Западната одбранбена алијанса, наведувајќи ја „наводната поддршка на тие земји за забранетата Курдистанска работничка партија (ПКК).
Двете скандинавски земји ги негираат обвинувањата.
Турција сè уште очекува Шведска и Финска да го „променат својот став“ кон ПКК, рече Ердоган, соопшти неговиот кабинет.
Стокхолм и Хелсинки, исто така, треба да „гарантираат“ дека ќе го укинат ембаргото за оружје и ќе ветат дека нема да прибегнуваат кон слични тактики во иднина, додаде турскиот лидер.
Во одделен телефонски разговор со шведската премиерка Магдалена Андерсон во саботата, Ердоган го повторил своето барање за екстрадиција или депортација на одредени лица, соопшти кабинетот на претседателот.
Не се знае кои се лицата.