Ресенчанецот кој вчера се обиде да прегази комунални инспектори и полициски службеник пред градскиот пазар во Прилеп доби 8-дневен притвор во КПУ Затвор Битола.
ОВР Прилеп до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против 53-годишниот ресенчанец со иницијали Н.К. поради основано сомнение дека сторил кривично дело загрозување на сигурноста по чл. 143 ст 3 од КЗ и две кривични дела напад врз службено лице при вршење работи на безбедноста по чл. 383 од КЗ.
Според СВР Битола тој со неговото возило комбе „мерцедес спринтер” се обидел да прегази комунални инспектори и полициски службеник кои вршеле службени дејства. Полицијата пукала во гумите на возилото за да го запре лицето. Ресенчанецот бил отстранет од пред градскиот пазар во Прилеп каде продавал производи.