Денеска одлука за тарифите според кои се ќе наплаќа струјата

од Берта Китинска
156 прегледи

Денеска ќе се знае какви ќе бидат границите на блок тарифите според кои се ќе наплаќа струјата.

Претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски минатата недела најави дека текот на оваа седмица ќе бидат дефинирани блоковите за новиот тарифен систем за универзалниот снабдувач со електрична енергија.

Според информациите на РКЕ ќе има зголемување на првично презентираните блокови, особено кај границите на вториот и третиот блок, кои првично беа презентирани на јавните расправи – во првиот блок беше предвидено да бидат потрошувачите кои трошат до 210 киловат часови електрична енергија, во вториот блок од 211 до 420, во третиот блок од 421 до 630 и во четвртиот блок над 630 киловат часови електрична енергија.

Цената по која граѓаните ќе ја плаќаат струјата по 1 јули годинава ќе зависи од тоа колкаво покачување на цената ќе побара универзалниот снабдувач ЕВН хоум, откако ЕСМ, од чија понуда најмногу зависи цената, во петокот понуди цена од 48 e/MWh на тендерот за снабдување на универзалниот снабдувач со електрична енергија за потребите на регулираниот пазар, што е зголемување од седум евра во однос на минатогодишната цена од по 41 евро за мегават час.

Цените од блоковите ќе важат само за време на скапата тарифа, од 7 наутро до 22 навечер. За време на евтината тарифа, цената ќе биде иста за сите.