Во четврток на 30 јуни во Собранието на Република Македонија се очекува да се одржи пленарната седница за интерпелацијата на претседателот на Парламентот Талат Џафери поднесена од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата интерпелацијата за Џафери ја поднесоа на 30 мај, по што претседателот на Собранието запазувајќи го рокот во Деловникот одговори на неа и ја закажа седницата на која ќе се расправа. Опозициската партија и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски и пред поднесувањето на интерпелацијата рекоа дека не очекуваат таа да биде изгласана и Џафери да замине од оваа фукција, но оти сепак сметаат дека тој треба да одговара пред граѓаните за својата работа.
Согласно член 49 став 1 од Деловникот, претресот по интерпелацијата трае еден работен ден, до исцрпувањето на листата на пријавените пратеници за збор, а се одлучува најдоцна до 24.00 часот. Претседателот на Собранието Џафери на седницата има право да го образложи својот писмен одговор или да даде устен одговор на поставената интерпелација.