Граѓаните сами ќе проценат од снимките кој го предизвика инцидентот, велат од Кабинетот на Џафери

од Nikola Popovski
197 прегледи

Собранието вечерва информира дека претседателот Талат Џафери свикал итна координација на пратеничките групи по инцидентот на Комисијата за европски прашања.

На поканата се одзвале координаторот на Пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски, потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски и пратеничката од Алтернатива, Сафије Садики Шаини. Според Кабинетот на ЏАфери, иако биле поканети, не се појавиле претставници на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и Алијансата на Албанците.

-Претседателот на Собранието ја свика координацијата откако членовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, по цели два часа со процедурални забелешки се спротивставија да се изгласа дневниот ред на Комисијата за европски прашања, кој сепак беше изгласан, велат од Кабинетот на Џафери.

Се додава дека на координацијата бил донесен заклучок дека собранискиот Деловник ги дава сите можности за работа на Собранието и не дозволува насилство во која било форма.

-На координацијата  исто така се заклучи и тоа дека граѓаните самите ќе проценат од снимките кои се вртат по социјалните мрежи кој го предизвика инцидентот на Комисијата за европски прашања. Ниту во земјите членки на Европската Унија не се дозволува насилство врз претседавачот со седница на работно тело на Собранието, стои во соопштението од Собранието.

Слични содржини