Гислајн Максвел, поранешната девојка на Џефри Епштајн, која му помогнала во подведување малолетници, е осудена на 20 години затвор и мора да плати казна од 750.000 долари.
Максвел (60) подведувала млади девојки за нејзиното поранешно момче, милијардерот педофил Џефри Епштајн, во текот на 1990-тите и раните 2000-ти.
Епштајн сексуално злоупортребувал 14-годишни девојчиња на неговите имоти во Њујорк, Флорида, Ново Мексико и неговиот приватен остров на Американските Девствени Острови, „Литл Сент Џејмс“, кој локалното население го нарекува „островот на педофилите“.
Адвокатите на Максвел тврдеа дека таа треба да добие казна меѓу четири години и три месеци и пет години и три месеци, бидејќи таа веќе одлежа две во федералниот затвор во Њујорк.
Тие тврдеа дека таа станала предмет на медиумски лов на вештерки поради нејзината врска со Епштајн и додале дека постојано била малтретирана зад решетки. Сепак, владините обвинители инсистираа на тоа дека казна од 30 до 55 години ќе биде посоодветна.
За прв пат, покрај многу кратки изјави, Максвел денеска пред судот изјави дека „длабоко сочувствува со сите жртви во овој случај“.
Таа додаде дека нејзината врска со Епштајн „трајно ќе ја извалка“ и дека жали што некогаш го запознала.
„Верувам дека Џефри Епштајн ги измамил сите оние во неговата орбита“, вели таа.
„Неговите жртви го сметаа за ментор, пријател, љубовник. Џефри Епштајн требаше да застане пред вас. 2005 и 2009. И повторно о 2019. Но денес е на мене да бидам осудена. Жал ми е за болката што ја доживеавте“, рекла таа и додала:
„Се надевам дека мојата осуда ќе стави крај. Се надевам дека ќе донесе мир и конечност. Мојата најискрена желба до сите во оваа судница е да заврши едно страшно поглавје овој ден. Нека овој ден ви помогне да патувате од темнината кон светлината“, рекла меѓу другото Максвел.