Челси ќе потроши повеќе од 110 милиони фунти за трансферите на Рафиња и Рахим Стирлинг, со кои новиот сопственик Тод Боли ќе го направи својот прв голем трансфер удар на пазарот.
„Сините“ изненадувачки брзо се договорија со Лидс за Бразилецот, кој беше една од големите трансфер цели на Арсенал, а интерес за него имаше и од Барселона. Според англиските медиуми, двата клуба веќе се договориле за трансферната сума која ќе изнесува околу 60/65 милиони фунти. Клубот моментално преговара за личните услови на крилото.
Другото крило кое е блиску до трансфер на „Стемфорд Бриџ“ е Рахим Стирлинг. Се зборува дека Челси наскоро ќе упати понуда за него во висина од 50 милиони фунти. Самиот играч беше подготвен да им се приклучи на „сините“ од Лондон, а Манчестер Сити се обидува да го убеди да потпише нов договор. Сепак, се чини дека англискиот репрезентативец нема да прифати и поради оваа причина подобро е „граѓаните“ да го продадат летово, наместо да ризикуваат да го загубат без пари за една година.
Така, изненадувачки, Челси прво ќе се засили во офанзивен план, иако клубот има најголема потреба од нови централни дефанзивци за да ја пополни празнината што се отвори по заминувањето на Кристенсен и Рудигер. Работата во оваа насока продолжува.
„Дејли мејл“ тврди дека Тухел сака да формира холандски тандем помеѓу дефанзивецот на Јувентус, Матијас Де Лихт, кој изрази желба да ги напушти „бјанконерите“ и Нејтан Аке од Манчестер Сити. Новата идеја на Челси е да го понуди Кристијан Пулишиќ на Јувентус во зделката за Де Лихт. Досега се зборуваше за можноста Тимо Вернер да биде искористен како средство за пазарење.
Во Торино, пак, го претпочитаат Американецот. Други опции за центарот на одбраната се Жил Кунде, Милан Шкрињар и Калиду Кулибали.