Денеска завршува француското претседателство со ЕУ , но се уште нема нова иницијатива за тргање на бугарското вето за евроинтеграцијата на Македонија.
Од Владата тврди дека сè уште не им бил доставен официјален предлог за надминување на спорот со Бугарија и за почеток на преговорите за членство, а во Софија, пак, молк откако минатата недела Парламентот го прифати „францускиот предлог“ и изгласа недовeрба на владата на Кирил Петков.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера на собраниската седница за пратенички прашања, повтори дека не се прифатливи идеи кои не прават јасна заштита на македонскиот јазик, македонскиот идентитет и не е прифатливо билатерални прашања да бидат вклучени во мултилатерални преговори со ЕУ.
– Историските прашања не треба и не можат да бидат критериуми за преговарачка рамка на Република Македонија со ЕУ, ниту за која било друга организација. И второ, преговорите со Европската унија мора да започнат со одржување на меѓувладина конференција, пред да бидат отпочнати измените на Уставот со цел внесување на Бугарите Црногорците, Хрватите да станат дел од Преамбулата. И трето, и ЕУ и Бугарија ќе достават гаранции дека нема да постојат понатамошни условувања во однос на нашиот процес на пристапување кон ЕУ, подвлече Ковачевски.
За евроинтергарацијата и за бугарската блокада, вчера во Мадрид на Самитот на НАТО разговараа претседателот Стево Пендаровски и германскиот канцелар Олаф Шолц. Во соопштението од кабинетот на Пендаровски, се вели само дека останува силната и значајна поддршка од Германија за нашата европска интеграција и отворање на пристапните преговори со ЕУ. За францускиот предлог или за некое друго излезно решение, во соопштението ништо не се спомнува.