Претседателот на Собранието Талат Џафери предмалку ја започна денешната седница за интерпелација за неговата работа поднесена од ВМРО-ДПМНЕ.
По кусиот вовед тој зеде процедурален збор:
„Пратеникот Антонио Милошоски ја поднесе интерпелацијата и е првиот потписник, а е пријавен за збор како 27-ми говорник“.
Согласно член 49 став 1 од Деловникот, претресот по интерпелацијата трае еден работен ден, до исцрпувањето на листата на пријавените пратеници за збор, а се одлучува најдоцна до полноќ. Претседателот на Собранието Џафери на седницата има право да го образложи својот писмен одговор или да даде устен одговор на поставената интерпелација.
Поднесената интерпелација ја образложува координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски.