Потпретседателот на СДСМ, Стефан Богоев вчера најави дека владеачката партија отпочнува внатрепартиски консултации околу францускиот предлог кои ќе ги опфатат сите органи и тела, по што следуваат средби, состаноци со коалиционите партнери и со најразлични структури во општеството.
Според него, сите кои се дел од општеството мораат овој период да го сфатат многу сериозно бидејќи се отвара една важна шанса за нас како држава.
-Да издискутираме се заедно, но да не веруваме на шпекулациите и лажните вести кои што очекуваме да ги има, бидејќи имаме искуство дека во вакви клучни периоди тоа ни се случува. Искрено се надевам и апелирам, ова е клучен момент за државата, сега е битно опозицијата да се вразуми, изјави Богоев пред почетокот на синоќешната седница на највисокото раководство на СДСМ.
Тој очекува сите од овој процес да излеземе посилни и единствени.
-Конечно да се обединиме како држава, без оглед кој е власт, кој опозиција, додаде Богоев.
Портпаролот на СДСМ појасни дека прифатени се сите барања кои ги соопшти премиерот Димитар Ковачевски при одбивањето на драфт-верзијата во Брисел.