Министерот за економија Крешник Бектеши денеска, коментирајќи го воведувањето на блок тарифите за електрична енергија, уште еднаш повтори дека солидарност мора да постои, како и дека во време на криза, како оваа, треба да им се помогне, посебно на најранливите домаќинства.
-Не може да биде ист товарот на некое домаќинство кое зема минимална плата и на некои што имаат милионски суми. Домаќинствата кои имаат доволно приходи и можност да ги плаќаат сметките, не треба да бидат субвенционирани. Не може да бидат субвенционирани домаќинства со приходи од 10 000 евра, 5 000 евра, 3 000 евра па и 2 000 евра месечно, а некои со приходи не повеќе од 600 евра да не бидат субвенционирани. Ова е ставот на Владата и на Министерството за економија. Ни претстои тешка зима, но на дневна база ние секогаш ќе излеземе во пресрет, подвлече Бектеши.