Jавна расправa со тешки зборови: „Пендаровски да ја врати одмереноста, Апасиев комуникацијата да ја доведе до политички консензус“

од Берта Китинска
518 прегледи

Неубавите коментари и пцовките кои ги упатува лидерот на „Левица“, Димитар Апасиев кон политичарите и функционерите се нешто на што се имаме навикнато да го читаме на неговиот Фејсбук профил, но вчерашниот настап на претседателот Стево Пендаровски во врска со пцовката која беше упатена кон него од страна на пратеникот остави многумина без зборови.

Комуникологот-специјалист за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов во разговор за „Локално“ потенцира дека секогаш постои начин како да се артикулира комуникацијата бидејќи „има начин како да се искаже различното размислување со цел да се постигне поентата“.

-Пендаровски е познат во јавноста по артикулираниот став и одмереност, токму она што се нарекува инклузивна комуникација. Се надевам и верувам дека тој стил на комуникација брзо ќе ја врати и ќе продолжи да комуницира на тој начин, подвелкува Кордалов.

Во врска со односот на пратеникот Апасиев, комуникологот посочува дека неговиот начин на комуникација треба да се доведе до политички консензус и политчки пат на изразување.

-Поради тоа што примерите на многу европски држави многу партии во земјите од регион покажуваа дека не е начин таквото изразување, и не е нешто што ние го измислуваме. Секогаш постои начин како да се артикулира комуникацијата бидејќи има начин како да се искаже различното размислување со цел да се постигне поентата, смета Кордалов.

Тој појаснува дека не е случајно што во светот постои начин на кој политичарите се изразуваат и ги артикулираат своите ставови „со цел полесно и правилно да допрат до својата публика“.

-Излегувањето надвор од политичка реторика претставува улица која може да ве однесе во различни насоки, во посакуван или непосакуван.Не знам како секој човек би можел да изреагира на одреден тип на провокации, пцовки, изрази, квалификации, но во исто време мислам дека неопходна е политичката комуникација да ја сведеме на нешто што се вика инклузивно и вистинско политичко комуницирање коешто подразбира дебата на различни мислења, но и дебата на артикулирани одмерени и релано прифатени ставови и начин за комуникација, смета тој.

Начинот на кој политичарите комуницираат, според комуникологот во голема мера „се пренесува на секој од нас“.

-Од причина што тоа е конкретен пример за тоа дека луѓето би се охрабриле или обесхрабриле да користат одреден „вординг“.Би апелирал како поволно решение и во оваа и во секоја ситуација да се разбере дека правилната политичка комуникација можеби изгледа долга, можеби изгледа досадна, можеби изгледа во моментот неефикасна меѓутоа гарантирам дека само таквата комуникација на долг рок може да ги даде посакуваните резултати. Може да ги обедини луѓето во постигнување на прогрес или постигнување на држава којашто ќе биде многу посреќна и поволна за живеење, објаснува Кордалов.

Тој посочува дека пред 7, 8 години за дебатните емисии многу често се мислело дека гостите би биле поефикасни ако „го остават новинарот во емисијата да молчи, а тие да се натпреваруваат, кој ќе искористи повисок тон, неубави зборови кон својот противник“.

-Можеби тоа беше интерсно на почетокот меѓутоа таквиот начин на концепирање го намалува интересот на публиката. Истото се случува и со сериозните тешки дебати и мислам дека и тој начин води наскор да стане неактуелно, појаснва тој.

Б.М.

Слични содржини