Германскиот фудбалски тренер Лотар Матеус им порача на челниците на Баерн да го ангажираат играчот на Манчестер Јунајтед, Кристијано Роналдо во текот на летниот преоден рок, пишува шпанскиот весник „Мундо депортиво“.
Португалскиот фудбалер сака да го напушти клубот од „Олд Трафорд“, а вчера не се појави во англискиот клуб на почетокот од подготовките за новата сезона.
Роналдо сака да игра во Лигата на шампионите, а како што пренесуваат светските медиуми добил понуди од Баерн, Рома, Челси, Барселона.
– Баерн би можел да вложи пари во Роналдо ако го продаде Роберт Левандовски и ако мисли дека португалскиот фудбалер е физички подготвен да му помогне на клубот една или две години. Да бев во Баерн ќе ја разгледав таа можност, бидејќи Кристијано е одличен стрелец. Секако, не станува збор за засилување за во иднина. Има 37 години, но би можел да игра во стартниот состав. Роналдо е еден од најдобрите напаѓачи на сите времиња и сигурно е дека би можел да постигне околу 30 гола во една сезона“, изјави Матеус.
Тој за Баерн играше од 1984 до 1988 година, а потоа и од 1992 до 2000 година.