Претставниците на сите 30 членки на Организацијата на Северноатлантскиот совет (НАТО) го потпишаа протоколот за пристапување на Шведска и Финска.
Делегациите-членки се состанаа во седиштето на НАТО во Брисел за формално да ја финализираат документацијата во контекст на поканата што лидерите на НАТО ја упатија до Шведска и Финска за време на неодамнешниот самит во Мадрид.
Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг изјави дека ова е историски час за двете нордиски земји и за заедничката безбедност.
„Нашите народи ќе имаат подобра безбедност“, рече Столтенберг, потсетувајќи дека формалната процедура за приклучување на Шведска и Финска е овозможена со трилатералниот меморандум што двете земји го договорија со Турција за време на самитот во Мадрид.
Тој рече и дека денеска почнува процесот за ратификација на приемот на Шведска и Финска во НАТО и дека со тоа се потврдува дека алијансата се уште е отворена за европските демократии.
Финскиот министер за надворешни работи Пека Хаависто изјави дека тероризмот е закана за сите и дека неговата земја ќе придонесе за безбедноста на НАТО.
Шефицата на шведската дипломатија, Ен Линде, исто така рече дека приемот на нејзината земја ќе ја зајакне безбедноста на НАТО.
Протоколите за прием на Шведска и Финска во следната фаза мора да бидат ратификувани од сите членки на НАТО во согласност со нивните национални законодавства, односно во нивните национални парламенти.