Заев: Владата да преземе лидерски одлуки, тоа го сторивме со мојот пријател Ципрас

од Берта Китинска
233 прегледи

Францускиот предлог можеби не е најдобар, но е добра основа за почеток на преговори со ЕУ, порача поранешниот премиер Зоран Заев.

-Ја советувам Владата да преземе лидерски одлуки, тоа го сторивме со мојот пријател Алексис Ципрас со потпишување на Договорот од Преспа што донесе стабилност, донесе добри пораки до Европската Унија дека овде на Балканот, на европски начин можеме да најдеме решение на многу тешки прашања, преку дипломатија и дијалог и продолжуваме да сме добар пример за Европската Унија и се надевам дека Северна Македонија ќе продолжи и преку прифаќањето на предлогот од ЕУ и конечно после 17 години ќе почне преговори – рече Заев и додаде дека процесот ќе ги охрабри и останатите земји од регионот, пренесува МИА.

Тој истакна дека Северна Македонија донесе многу тешки одлуки во изминатите неколку години. Земјата испорача мир и стабилност во регионот и во Европа, заедно со реформите во земјата, а паралелно потенцираше дека стратешкиот интерес на земјата е веднаш да започне преговори за членство со ЕУ.

На присутните на конференцијата им објасни дека ова е „драматичен момент во Северна Македонија“, бидејќи во тек е процес на консултации на Владата со опозициските партии, со владините партии со експерти итн.

Рече дека денеска, утре или задутре Собранието ќе треба да гласа и изрази уверување дека ќе постои мнозинство, истакнувајќи дека „она што е важно е да одиме напред кон ЕУ бидејќи нема алтернатива“.

Слични содржини