Светиот архијерејски синод (САС) на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија (МПЦ – ОА), на својата вонредна седница, одржана на 5 јули 2022 година, дискутираше за актуелната состојба во македонското општество.
Од таму велат дека Светиот Синод со загриженост посвети внимание на ситуацијата предизвикана од последниот модифициран француски предлог, како и последиците што би произлегле од истиот, и повторно упатува апел за неприкосновено зачувување на македонските национални интереси.
-Како Синод очекуваме Владата и сите останати општествено-политички фактори, вклучени во овој процес да се обединат и да изградат стратегија, која целосно ќе го зачува македонскиот идентитет, македонскиот јазик, култура и историја во семејството на европските народи.
Синодот ја информира јавноста, доколку во било која форма биде загрозена македонската посебност, МПЦ – ОА нема да го прифати тоа.
Воедно, го повикуваме македонскиот народ и сите граѓаните во македонското општество на целосно обединување, притоа да ги искористат сите демократски средства за зачувување на својот опстој. Оние, пак, кои одлучиле преку протест да го остварат своето право, тоа да го направат достоинствено, без насилство и без уништување на јавните добра, стои во соопштението на МПЦ.