Предлог за деблокада за почеток на преговорите се најде маса на средбата на партиските работни групи, на која требаше да се разменат идеи околу тоа како во наредната фаза по него да постапат и Собранието и Владата.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Јован Митревски по средбата изјави оти до сите пратенички групи испратиле нивни предлог-заклучоци, кои би требало да бидат усвоени во однос на информацијата што Владата треба да ја прати до Собранието.
– На седница во Собрание треба да се гласаат заклучоците и тие се во контекст на тоа која е наша стратешка определба и дека билатералните прашања треба да ги исклучиме од преговарачката рамка и да ја задолжиме Владата да ја има предвид определбата за посебноста на историските, културните, јазичните, образовните посебности на македонскиот народ. Очекувам за тие предлог заклучоци дека ќе разговараме деновиве. Ова е сериозен процес за државата, се решава, одлучуваме сите заедно во кој правец ќе се движи државата, носиме одлука за иднината на државата, рече Митревски.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски по средбата изнесе серија забелешки на оваа партија кон Општиот став на ЕУ за преговарачката рамка и Заедничкиот став на ЕУ за преговорите за пристапување.
Дел од забелешките се и барања за бришење на точки од документите како онаа за соодветните еднострани декларации на Бугарија и земјава за македонскиот јазик, исклучување на Договорот за добрососедство со Бугарија и годишните прегледи за негово ефективно спроведување од Преговарачката рамка и отфрлање на условувањето на отворањето на преговорите по кластери со промена на Уставот, туку тие да започнат веднаш.
Николоски рече дека се подготвени секој момент да разговараат за усвојувањето на нивните барања со коишто, според него, се штитат сите национални и државни позиции.
Пратеникот Арбер Адеми од ДУИ по средбата изјави дека суштината е оти македонскиот јазик ќе стане дел до официјалните јазици на Европската Унија и тоа е кристално јасно во преговарачката рамка.
Елми Азири од Алијанса за Албанците појасни дека на состанокот се дискутирало за можен заеднички предлог заклучок од Собранието, при што се согласиле да продолжат со разговорите.
–Ова е надеж и треба како држава да ја материјализираме во смисла на тоа да ги отпочинеме преговорите, рече Азири, додавајќи дека не е време за емоционални одлуки, туку за рационализирање на сите потешкотии кои можат да ни бидат како пречка на европскиот пат.
Да им дадеме можност да му објаснат на своето општество што е овој пакет
Во една демократска земја оваа реакција е доста загрижувачка, изјави бугарската министерка за надворешни работи во оставка Теодора Генчовска по состанокот на Советот на министри како одговор на новинарско прашање поврзано со протестите во нашата земја против францускиот предлог.
„Да им дадеме можност да му објаснат на своето општество што е овој пакет. Она што можеме да го направиме од наша страна е да не шпекулираме со вести во нивните медиуми. Бугарската позиција е јасна“, нагласила министерката Генчовска, цитирана од бугарски „24 часа“.
„Ние строго ја следиме одлуката на Народното собрание. Колегите во РСМ треба да поминат низ процес поврзан со процедурите, да поминат документите низ нивната Влада и Собрание“, додала Генчовска.