Жена од Минесота ги удавила своите три мали деца, а потоа се самоубила откако претходно во текот на денот повикала полиција за да ја пријави смртта на нејзиниот сопруг, соопштија властите.
Телата на трите деца и нивната мајка беа извлечени од езерото Ваднаис, а неколку дена подоцна шерифот на округот Ремзи го објави идентитетот на починатиот и причината за смртта.
Мајката Моли Ченг (23) ги удавила своите деца на возраст од 3, 4 и 5 години, пренесува NBC News.
Таткото Ји Ли (27) починал ден претходно откако се застрелал, заклучил патологот. Канцеларијата на шерифот се уште ја истражува трагедијата.
Ченг пријавила дека нејзиниот сопруг се застрелал во петокот наутро, па полицијата дошла во семејниот дом во Мејплвуд. Подоцна истиот ден, роднината повикала полиција и предупредила дека Ченг може да се убие себеси и децата.
Беше започната потрага низ целата земја за да се пронајдат мајката и децата, соопшти канцеларијата на шерифот.
Властите успеале да го проследат сигналот на нејзиниот мобилен телефон до езерото каде го пронашле возилото и чевлите на децата.
Екипа за пребарување го прочешлала езерото и околината и од водата го извадила телото на 4-годишно момче. Замениците на Шерифот се обиделе да го реанимираат, но не успеале.
Малку по полноќ телото на 5-годишно дете било извлечено. Во саботата околу 10 часот и 40 минути, телото на мајката било извлечено од езерото, а половина час подоцна во езерото било пронајдено тело на 3-годишно девојче.
Канцеларијата на шерифот соопшти дека ја истражува смртта на децата и мајката како тројно убиство-самоубиство, а полицијата на Мејплвуд ја истражува смртта на таткото Ји Ли како самоубиство.