По објавените информации во медиумите, Амбасадата на Република Северна Македонија во Атина оствари комуникација со официјални претставници на надлежните институции на грчкиот остров Миконос, од каде е добиена информација за тројца уапсени државјани на Северна Македонија (О.П, Г.П и Н.Т), осомничени за трговија со дрога, велат во изјава за „Локално“, од Министерството за надворешни работи во врска со апсењето на грчкиот остров Миконос.
Оттаму посочуваат дека амбасадата останува во контакт со официјалните инситуции од каде се очекува наскоро да се добијат и официјална писмена потврда за деталите од овој настан.
Неофицијално од наши извори уапсената девојка е ќерка на поранешен пратеник и градоначалник на Велес од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Според информациите, 21-годишна девојка и двајца мажи на возраст од 34 и 35 години од Македонија, биле уапсени на грчкиот остров, под обвинение за трговија со дрога.
Од грчката полиција информираат дека било „разбиено јадрото на мрежа на странски државјани кои систематски тргувале со дрога на Миконос” и меѓу другото биле запленети 437 таблети екстази, 219,8 грама кокаин, 270,9 грама метамфетамин и 155,7 грама канабис.
Уапсените биле организирани во криминална група, со конкретни улоги, едниот бил набавувач и имал лидерска улога, останатите биле шверцери, а дрогата на островот ја продавале во мали пакувања до заинтересираните корисници на дрога.
Инаку членот на ВМРО-ДПМНЕ на парламентарните избори одржани во 2006 г. е избран за пратеник во Собранието на Република Македонија, во третата изборна единица. На вонредните парламентарни избори, одржани во 2008 г., повторно е избран за пратеник во Собранието на РМ. со втор мандат. На локалните избори во март, 2009 е избран за градоначалник на Општина Велес.