Османи дециден: Никој не може да смени наши книги и споменици

од Nikola Popovski
238 прегледи

Многу се шпекулира со овие прашања. Бидејќи е комплексна материја на луѓето им се сервира на лажица, тоа што сакаат да се наметне како наратив. Кај португалскиот и германскиот предлог, во рамката имаше параграф 5 кој што вели прогресот на земјата ќе се мери во однос на опипливи резултати во имплементација на Преспанскиот договор и Договорот со Бугарија. Оваа формулација била во секоја имплементација. Никој не реагираше дека го прифативме португалскиот предлог. Таму во заклучоците стоеше дека С. Македонија ќе направи патоказ за Историската комисија во која точно ќе каже кои институции во кој рок што ќе направат, информира вечерва министерот за надворешни работи Бујар Османи околу францускиот предлог.

Османи подвлече дека нашите учебници не може никој да ги смени.

-Никој не може да наметне на Историската комисија што, кога и како. Седум членови наши кои што носат единствена одлука. Еден член ако каже не, нема договор. Ако има препорака за некој настан или учебник, тоа треба да помине во МНР, па во Владата, па соодветното министерство, па автотот. Тоа се шест филтри. Тезите дека некој нас ќе ни наметне решение се лажни и се ставаат во партиско-политичка функција. Нема унилатерални изјави дека ние ќе дадеме книги на Бугарија, па таа ќе ни пишува. Тоа се лажни информации за да се вознемири јавноста, додаде министерот.

Османи е дециден дека нема бугаризација, нема наметнување и никој не може да смени наши книги и споменици.

-Тоа се страшила што се користат за некој да добие политички поени и никако не се во интерес на граѓаните. Интересот на граѓаните е сега да се придвижиме кон ЕУ и да ги зајакнеме демократските институции. Да го почнеме процесот, а во текот на преговорите ќе ги надминеме сите разлики, потенцира Османи.