ВМРО-ДПМНЕ: Доколку Ковачевски сака да ги заштити позициите на Македонија, тогаш треба да го послуша гласот на народот

од Vladimir Zorba
109 прегледи

Доколку Димитар Ковачевски сака навистина да ги заштити позициите на Македонија, тогаш треба да го послуша гласот на народот, на експертите, на интелектуалците и да го одбие Предлогот за преговарачката рамка, се вели во реакција на опозициската ВМРО ДПМНЕ по интервјуто на македонскиот премиер за МИА.

„Ваквиот предлог кој во себе го содржи и Протоколот се уцена после чие прифаќање на Македонија и престојат две опции, или бесконечно да преговара или асимилација по диктат на Бугарија. Сето друго кое го говори Ковачевски за наводни заклучоци и гласање во Собранието се обична фарса. Ако Ковачевски не знае што договорил Османи и не знае да прочита што содржи Предлогот, тогаш нека ги слушне барем експертите кои јасно му кажуваат дека ова е крајно неповолно за Македонија и не нуди никаква европска перспектива.

Власта се обидува со истите лаги и флоскули како пред неколку години да ги манипулира граѓаните. Лажеа дека јазикот е признаен од сите, лажеа дека не преговараат за идентитетот, лажеа дека од историските прашања нема да зависи пристапувањето, лажеа дека имало модификации на предлогот, лажеа дека Уставот на Македонија ќе се отвора пред самото зачленување… лажат и сега“, се додава, меѓу другото во реакцијата.