Утре во земјава пристига претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен. Таа прво во 11 часот ќе се сретне со претседателот Стево Пендаровски, а напладне ќе има тет-а-тет средба со премиерот Димитар Ковачевски, а планирана е и билатерална средба.
Потоа предвидено е Фон Дер Лајен да се обрати и во Собранието пред почетокот на седницата на која ќе се разгледува предлог-преговарачка рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на претседателството на Франција со Советот на Европската Унија на 30 јуни.
Пред седницата, закажана за во 13 часот, предвидена е средба на претседателката на Европската комисија со претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Фон дер Лајен е последната од низата на европски лидери и владини претставници кои во изминативе денови го посетија Скопје им даваат ветер во грб на македонските власти да го прифатат предлогот со кој ќе се отстрани бугарското вето.
Владата вчера според барањата од вчерашната координација во Собранието, достави до Собранието дополнување на Информацијата за содржината на Предлог-преговарачката рамка за пристапните преговори на Република Северна Македонија со Европската Унија, предложена од страна на Претседателството на Франција на 30 јуни 2022 година, соопшти собраниската прес-служба.
Во Скопје од сабота, 2 јули, секојдневно се организираат протести поради тој предлог, со дводневен одмор во петок и сабота.
Почетокот на преговорите на ЕУ со Скопје е блокиран со бугарското вето од ноември 2020 година поради спор околу јазикот и историјата, а Брисел го врза напредокот на Тирана на патот кон ЕУ со напредокот на Северна Македонија.
Една година претходно, европскиот пат на овие две земји беше блокиран од Франција, инсистирајќи на промена на методологијата за преговори.