Митреска: Централните банки забрзано работат на истражувања за воведување дигитални валути

од Vladimir Zorba
169 прегледи

Во глобални рамки, централните банки забрзано работат на истражување за воведување сопствени дигитални валути. Во следниот период, централните банки веројатно ќе му се посветат на развојот на целокупниот екосистем потребен за поддршка на националните дигитални валути. Народната банка им се приклучува на овие трендови преку веќе најавените првични активности за истражување на потребата и можностите за воведување дигитален денар, пишува вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска во колумна за најновиот месечен билтен на Македонската банкарска асоцијација (МБА).

„Анкетите и истражувањата покажуваат дека сѐ поголем број централни банки го истражуваат прашањето за дигиталните валути. Според последните информации, 105 земји коишто сочинуваат 95% од глобалниот БДП ги испитуваат сите аспекти на воведувањето дигитални валути на централните банки. Овој број на земји во мај 2020 година изнесувал само 35. Бројот на земји коишто се во напредна фаза на истражување (развој, пилот-проект или воведување) се зголемува и изнесува 50, при што 10 земји веќе ја имаат воведено дигиталната валута. ЕЦБ веќе сигнализира дека цели кон издавање дигитално евро кон средината на оваа декада, како комплементарна форма на готовината, но не како нејзина целосна замена”, посочува вицегувернерката Митреска.

Како мотив за забрзување на активностите на полето на дигиталните валути, според последните анкети на БИС од 2021 година, голем дел од централните банки го наведуваат ширењето на криптосредствата. Имено, ризиците поврзани со овие средства се исклучително високи, зад нив не стои познат издавач што ќе ја гарантира нивната вредност, така што загубите од инвестициите во нив може да бидат огромни. Дури и криптосредствата коишто се врзани за некоја стабилна вредност не можат во секое време да ја гарантираат вредноста, ниту, пак, имаат пристап до централните банки или шемите за осигурување депозити.

Исто така, зголемувањето на ефикасноста на прекуграничните плаќања е уште еден многу важен мотив за проактивност во дигитализацијата на централните банки. Според нив, дигиталните валути може да играат голема улога во зголемувањето на брзината, транспарентноста и достапноста на прекуграничните плаќања.

„Има неколку клучни причини во генезата на официјалните дигитални валути. Прво, промоција на финансиската инклузија, преку обезбедување едноставен и сигурен пристап до пари на оној дел од популацијата којшто нема целосен пристап до банкарски услуги. Второ, овие валути ќе овозможат поголема конкуренција и отпорност на домашните системи на плаќања. Трето, дигиталните валути на централните банки, преку системи на интероперабилност, може да ги олеснат и да ги поддржат прекуграничните плаќања”, посочува Митреска.

Слични содржини