Вистински шок доживеаја жителите на Кавала, каде што минатата вечер се урна украинскиот авион Антонов кој полета од Ниш и според српскиот министер за одбрана Небојша Стефановиќ превезувал оружје во Бангладеш.
Еден од жителите на Кавала изјави за грчки Си-Ен-Ен дека неколку моменти пред падот слушнал заглушувачки звук и потоа видел огнена топка како се приближува до земјата.
„Ја видовме експлозијата, но бидејќи во исто време дојде до затемнување, не можевме да видиме ништо друго“, навел тој.
Софија, мајка на три малолетни деца, од Кавала вечерта седела со својот 80-годишен свекор на тремот пред куќата.
„Работите можеа да бидат многу полоши. Се испаничивме, никогаш не сме виделе такво нешто. Седевме на тремот и видовме авионска несреќа на помалку од еден километар од нашата куќа. Се гледаше како кога некој од телефонот ќе го вклучи блицот и ќе го впери кон вас, се слушна страшна бучава и нешто како наизменични истрели. Буквално гледавме како паѓа и експлодира“, рекла Софија.
Инаку, местото каде што се урнал авионот е претежно рурална област, каде се одгледува пченка и сончоглед. Жителите главно се занимаваат со земјоделство и сточарство.