„Целта Бујар Османи си ја постигна, а тоа е една, ние нема да почнеме преговори, Албанија ќе почне преговори“, истакна претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски при гостување во централниот дневник на Сител телевизија..
– Прво беше целта да имаме обединување на Македонија и Албанија, се сеќавате уште во 2000-та година кога го потпишувавме договорот за стабилизација и асоцијација ни Хрватска не го беше потпишала, па заедно станавме со Хрватска како да кажам кандидати. Па испаднавме од таа група и влеговме во групата со Црна Гора и Србија. Па испаднавме од таа група и влеговме со Албанија и сега конечно испаѓаме и со Албанија. Албанија ќе си продолжи, а ние најверојатно ќе чекаме некои подобри времиња, можеби Косово, Босна и Херцеговина или пак некоја друга држава која што се уште ги нема заокружено своите независности односно државности, посочи Мицкоски.
Додаде дека раководството на ДУИ зари нож во грб на Македонците, и тоа го прават за тендери и лични интереси, единствена што ќе продолжат преговори е Албанија, а за жал државава ќе оди на магарешка клупа уценети со асимилација.