Путин и Ердоган утре за продолжување на испораката на украинското жито

од Nikola Popovski
230 прегледи

Рускиот претседател Владимир Путин и неговиот турски колега Реџеп Таип Ердоган ќе разговараат за извозот на украинско жито на нивната средба во вторник во Техеран, изјави за новинарите советник од Кремљ.

Русија, Украина, Турција и Обединетите нации се очекува да постигнат договор оваа недела за обновување на испораките на жито од Украина преку Црното Море, кои во голема мера беа нарушени со одлуката на Русија во февруари да ги испрати своите вооружени сили во Украина.

На Путин и Ердоган во вторник ќе им се придружи и иранскиот претседател Ебрахим Раиси за да разговараат за кризата во Сирија, каде што сите три земји имаат воено присуство.

– Со Ердоган ќе се разговара за прашањето за испорака на украинското жито. Подготвени сме да работиме на тоа прашање, изјавил Јуриј Ушаков, советник за надворешна политика на рускиот претседател Владимир Путин.

Украинските пристаништа на Црното Море, кои досега беа главни точки за нејзиниот земјоделски извоз, беа блокирани откако Русија ја започна, како што ја нарече, специјалната воена операција во Украина, пренесува Ројтерс.