Вархеји со порака до граѓаните од С.Македонија: Ве сакаме во ЕУ

од Берта Китинска
118 прегледи

Денеска е важен момент не само за Македонија, туку е важен момент и за Европската Унија, изјави денеска во Брисел еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на заедничка прес-конференција со премиерот Димитар Ковачевски

-Уверен сум дека со одлучноста и решителноста на Северна Македонија ќе можеме да работиме брзо, напорно и ефективно во текот на преговорите. Нашата порака денеска за граѓаните од Северна Македонија е многу јасна. Ве сакаме во ЕУ и тука не постојат сомнежи. Денеска праќаме и моќна порака кон целиот регион, па и надвор од него, изјави Вархеји.

Вархеји, посочи дека ќе направат се да се забрза процесот на преговори и веќе денеска попладне ќе започне скринингот на законодавството на ЕУ, што, како што нагласи е првиот чекор во пристапните преговори.

– Сакаме да продолжите да комуницирате со сите засегнати страни, со граѓанското општество и сите во Северна Македонија, затоа што ни се потребни во овој процес. Потребни ни се сите во Северна Македонија да работат за земјата и да работат за тоа Македонија да стане земја членка, изјави Вархеји. Интеграцијата на Македонија, посочи Липавски, беше болна и бараше многу, но како што посочи, решителноста, одлучноста и вистинскиот дух се тие што преовладаа.