Со 61 глас „за“, Собранието денеска го усвои предлог-ребалансот на буџетот за 2022 година.
Владата оваа година ќе се задолжи за 150 милиони евра повеќе од претходно планираното. Според првичниот Буџет, беше планирано задолжувањето да биде 545 милиони евра, но сега се предвидува буџетската дупка да се прошири на 695 милиони евра, односно 5,3 проценти од БДП-то. Планирано е 70 отсто од ова задолжување да се направи во странство.
Со тоа, јавниот долг годинава повторно ќе надмине 60 отсто од БДП-то.
„Со ребалансот се обезбедуваат средства за раст на пензиите, ранливите категории на граѓани, раст на платите во одделни дејности во јавниот сектор, средства за фирмите за поддршка на растот на платите во приватниот сектор, дополнителни средства за земјоделците за повисоки приноси и стабилизирање на цените на храната, како и за нови антикризни мерки за заштита на стандардот на граѓаните и заштита на стопанството од шоковите од тековната ценовна криза“, тврдат од Министерството за финансии на Република Македонија.