Соединетите Американски Држави ги поздравуваат важните чекори што Европската Унија ги презема за унапредување на интеграцијата на Западен Балкан во евроатлантската заедница преку отворање на пристапните преговори во ЕУ со Албанија и Северна Македонија, изјави претседателот на САД, Џозеф Бајден.
„Во моментот кога Русија го наруши мирот во Европа, поважно е од кога било да се поддржи стремежот за Европа цела, слободна и во мир. Демократски, безбеден и просперитетен Западен Балкан останува суштински за оваа визија. Соединетите Држави ќе продолжат да бидат силен и доверлив партнер додека тие нации работат на одбрана на човековите права, зајакнување на демократските реформи и поддржување на владеењето на правото“, вели американскиот претседател.
Чекорите што ЕУ, Албанија и Северна Македонија ги презедоа во последните денови, продолжува тој, „треба да ги инспирираат сите аспиранти за ЕУ во регионот да ја зголемат својата посветеност за зајакнување на нивните демократии“.