Сите лаги на Мицкоски и Апасиев потонаа, сите нивни невистини се демаскирани. Македонскиот јазик одекна во Брисел, влезе во ЕУ, на македонскиот јазик му се отвори патот да стане службен јазик на Европската унија, соопштија утрово од СДСМ.
Владеачката партија потенцира дека преговорите ќе се водат на македонски јазик со чиста формулација, без дополнителни објаснувања, без фусноти, ѕвездички и придавки.
-Ги заштитивме македонскиот јазик, идентитет и посебност, во ЕУ ќе се интегрираме како Македонци кои зборуваат македонски јазик. Со ова, пропаднаа сите лаги што со месеци ги повторуваат ВМРО-ДПМНЕ и Левица, стои во партиското соопштение.
Дури 17 години по добивањето кандидатски статус и 13 години по првата препорака на Европската комисија за отворање на пристапните преговори, Северна Македонија конечно во вторникот ги започна преговорите за членство во Европската унија.
Официјалниот почеток беше во форма на одржување на Првата меѓувладина конференција, на која премиерот Димитар Ковачевски говореше на македонски јазик.