Министерот за здравство, Беким Сали потенцира дека здравјето на граѓаните нема цена и тоа не зависи од цената на здравствената услуга.
-Било да е тоа 500 или пак 5 денари, одговорност мора да има. Тоа беше мојата идеја и мојот став. Се друго е само толкување, објави Сали на социјалните мрежи.
Ваквата реакција доаѓа откако претходно на прес-конференција за случајот со Клиничката болница „Жан Митрев“ како одговор на новинарско прашање, министерот истакна „да беше хемофилтрацијата 500 денари, немаше да се жалите“.
-Вашата жалба не е од медицински аспект, туку од финансиски аспект. Имате за тоа Финансиска полиција. Ако жалбата е во износот на парите, ние овде сметаме дека здравјето не познава финансии. Да беше хемофилтрацијата 500 денари, немаше да се жалите. Значи не е така. Антибиотиците кои масовно се користеа исто така оставија последици. Тек сега се справуваме со пост-ковид последици. Во овие случаи не може да гледате само од финансиски аспект, рече Сали на прес-конференцијата за сторијата на ИРЛ.