За ставот на господинот Вархеји, јас го почитувам неговиот став, но се надевам дека и тој го почитува мојот став, а тоа е дека Македонија и македонскиот народ премногу дадоа за тие европски вредности. Насила ни беше сменето знамето, насила ни беше наметната времената референца за името, добивме случај во Хаг, но и тој насила ни беше поништен под изговорот дека тоа е меѓународно право и појаките имаат поголемо право. Потоа насила ни беше променет Уставот, насила ни беше променето уставното име, насила сега беше прошверцуван обид да се начне македонскиот идентитет и ако сите овие се европски вредности, простете но јас не сакам да ги споделувам.
Вака за време на денешната посета во општина Бутел, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски одговори на новинарско прашање за пораката која вчера еврокомесарот Вархеји ја упати до ВМРО-ДПМНЕ, велејќи дека не се европски вредности случувањата во Собранието за време на дебатата кога се разговараше за преговарачката рамка.
„Јас сакам да ги споделувам вредностите дефинирани со копенхагеншките критериуми и вредностите кои се дефинирани според договорот за асоцијација и стабилизација кои што патем речено да ве потсетам македонската влада, односно првата влада на ВМРО- ДПМНЕ уште во 2000 година го потпиша, дури и пред Хрватска. Втората влада на ВМРО-ДПМНЕ обезбеди визна либерализација и обезбеди позитивен извештај за отпочнување на преговори. А што правеа владите на СДСМ? Менуваа име, менуваа знаме, тргуваа со влијание, многу крадеа од транзицијата до сега и тоа се влади кои според овие бирократи споделуваат европски вредности, а ние не споделуваме. Ако се тоа европските вредности простете, но јас не ги споделувам”,потенцираше Мицкоски.