Тиемуе Бакајоко, играчот на Челси на позајмица во Милан, денеска изјави дека италијанската полиција му го загрозила животот кога неодамна го привела и по грешка го извлекла од автомобилот.
Како што можеше да се види на видеата што ги објавија италијанските медиуми, Бакајоко бил притиснат врз полициското возило од еден полицаец, додека друг полицаец вперил пиштол кон лицето кое седело на совозачкото седиште.
-Да грешиш е човечки, немам проблем со тоа, но проблем ми е начинот и методот што се користеше. На видеото не се гледа се…Треба да знаете дека пиштолот беше на метар од мене, на совозачкиот прозорец. Очигледно ни ги ставија животите во опасност – напиша Бакајоко на својот Инстаграм профил.
Градските власти на Милано изјавија дека Бакајоко и другиот патник личат на двајцата осомничени и ја отфрлија можноста дека се работи за расна злоупотреба, со оценка дека се работи за грешка на полицијата.