Роберт Левандовски уште еднаш вети дека ќе даде се од себе за да постигне успех со Барселона. Вечерва Полјакот беше официјално претставен, а церемонијата се одржа на шеталиштето веднаш до плажата Форт Лодердејл во близина на Мајами.
„Како напаѓач сакам да постигнувам голови и да му помогнам на тимот. Тоа е најдоброто нешто. Во фудбалот секогаш треба да бидеш гладен (за голови и победи) и јас сум таков. Секогаш сакам да постигнувам гол и да победувам. Сега во Барса сакам да пишувам историја“, изјави Левандовски.
„Изминатите неколку дена беа неверојатни. Веќе успеав да учествувам на неколку тренинзи и сакам само да играм на следниот натпревар“, продолжи тој.
Најновиот натпревар на Барса е против Реал Мадрид – во 05:00 часот по наше време во недела наутро.
Поранешниот играч на Баерн (Минхен) при своето претставување кажа и неколку зборови на шпански: „Многу ви благодарам. Јас сум Роберт Левандовски, јас сум Полјак и живеам во Барселона“, по што си заработи аплауз.
На церемонијата присуствуваше и претседателот Жоан Лапорта.
„Се обидуваме да изградиме посилен тим и напредуваме во ова. И овој човек овде (Левандовски) вложи многу труд да дојде кај нас. Многу сме горди“, изјави газдата.