Како резултат на граничните контроли кон Унгарија, австриските власти годинава откриле 24.085 илегални мигранти и уапсиле 145 шверцери на луѓе, а полицијата е толку преоптоварена што не може да ги процесира барањата за азил во потребното време.
Споредено со минатата година, според податоците на Полициската управа на провинцијата Бургенланд, има пет пати повеќе мигранти и двојно повеќе уапсени шверцери.
Австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер при посетата на граничниот премин Клингенбах изјави дека се неопходни контроли.
Карнер во таа прилика ги праша граничарите дали граѓаните имаат разбирање за контролите за борба против илегалната миграција и шверцерите на луѓе.
Доби одговор дека во основа имаат разбирање, но дека понекогаш се уште има недоразбирањa.
Карнер нагласи дека контролата му е приоритет во борбата против илегалната миграција, поради што најави зголемување на персоналот на границата.
Сепак, виенскиот весник „Хојте“ тврди дека, поради големиот наплив на илегални мигранти, надлежните органи добиле интерна наредба да го ослободат барателот на азил по 48 часа, доколку во тој рок не се одржи првото интервју.
Имено, до 400 лица секојдневно бараат азил во Австрија, што ја преоптоварува полицијата, па тие не можат да го извршат првиот распит во рок од 48 часа по приведувањето.